Византиски монашки центри: недеструктивни истражувања на средновековни манастирски комплекси

Тимот од Универзитетот Кал Поли Хамболт (САД), предводен од м-р Ник Ангелоф, изведе геомагнетни, георадарски и ЛИДАР снимања на пет манастирски комплекси.
Во периодот од 15 до 22 септември 2025 година, во рамките на проектот „Византиски монашки центри – традиција и континуитет“ на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, реализиран со поддршка на Министерството за образование и наука, беа спроведени теренски археолошки истражувања со примена на современи технологии и недеструктивни методи. Снимањата ги изведе тимот од Универзитетот Кал Поли Хамболт (Cal Poly Humboldt) од САД, предводен од м-р Ник Ангелоф.
Со истражувањата беа опфатени: Св. Пантелејмон / Св. Климент на Плаошник во Охрид, манастирот Трескавец кај Прилеп, манастирот Св. Преображение во Зрзе, Св. Никола во с. Манастир (Мариово) и Св. Ѓорѓи во Курбиново. Снимањата беа изведени во внатрешноста на црквите, во објектите и дворовите на манастирските комплекси, како и во непосредната околина на спомениците.
Беа применети три методи. Со геомагнетното снимање, кое се заснова на мерење на магнетните својства на почвата, се регистрираат подземни аномалии што може да упатуваат на постари градежни фази, ѕидови, темели, патеки и други структури. Георадарот (Ground Penetrating Radar – GPR) со помош на електромагнетни бранови открива слоеви со различна густина и состав (ѕидови, подови, гробни конструкции, канали) и дава прецизна слика за нивната длабочина и стратиграфијата на просторот. Ентериерите на црквите беа снимени и со ЛИДАР-камера, со која се изработени тродимензионални модели на нивната внатрешност со прецизност од 1 mm.
Најголемата предност на овие методи е што овозможуваат документирање и мапирање на археолошките остатоци без ископување и без какво било оштетување на спомениците. Споредувањето на резултатите од геомагнетните, георадарските и ЛИДАР-снимањата ќе овозможи прецизно моделирање на подземните остатоци и ќе даде нови сознанија за градежната историја на манастирските комплекси, што е и една од основните цели на проектот.
Покрај м-р Ник Ангелоф, во американскиот тим учествуваа Џесика Морис, Дичо Ангелоф, Џастин Карлсон, Марк Кастро и Барбара Клесинг. Во теренските истражувања учество зедоа и д-р Александар Василески, како и членовите на проектниот тим од Институтот, д-р Орданче Петров и м-р Катерина Росикопулос.
Видео-прилог: infokompas.com.mk
