с. Зрзе, Прилеп
Манастир Св. Преображение, с. Зрзе

Зрзевскиот културен комплекс претставува еден од најзначајните сакрални и културни простори во југозападниот дел на Северна Македонија. Повеќеслојните археолошки, архитектонски и писмени извори овозможуваат да се следи неговото развивање во континуитет од праисторијата до денес. Благодарение на археолошките истражувања, особено на систематските ископувања од 2008/2009 година, овде се идентификувани бројни остатоци што сведочат за долг историски процес и културна континуитетност.
Предисторија и антички период
Најраните траги на човеково присуство во зрзевскиот регион датираат од доцниот енеолит (1500–1200 г. п.н.е.). Ова се потврдува преку фрагментирана керамика и движен археолошки материјал пронајдени во природните вдлабнувања во бигорната карпа. Веројатно, населбата продолжила да постои и во железното време и хеленистичкиот период, иако без големи градителски зафати.
Повпечатливи материјални остатоци за цивилизациските текови на овие простори се појавуваат во 1 до 3 век од н.е., кога археолошките остатоци од мермерна архитектонска пластика сведочат за постоење на монументални градби со јавен карактер. Во ова време, регионот станува важна стратешка зона во рамките на административните реформи на Диоклецијан, кога е оформена диецезата Македонија Втора со центар во Стоби.
Ранохристијански период
Со ширењето на христијанството и по едиктот на Теодосиј I (380 г.), кон крајот на 4 и почетокот на 5 век на околу 50 м северно од денешниот манастирски комплекс била изградена ранохристијанска базилика. Во нејзината структура е вградена засводена гробница, веројатно на истакнат христијанин или маченик, чија смрт можеби била со прогоните во времето на Јулијан Апостат. По хунските навлегувања во 5 век, базиликата била оштетена, а подоцна повторно обновена, пред повторно да биде опустошена во 6 век со словенските продори.
Средновековен период
Монашкиот живот во Зрзе се јавува кон крајот на 9 и почетокот на 10 век, со населување на монаси во природните пештерни и прилагодени вдлабнувања во бигорната карпа на којашто е фундиран манастирот. Археолошките истражувања утврдиле три фази на развој на монашката населба, кои се разликуваат по градбени техники и просторна организација.
Изградбата на денешниот католикон на манастирот, посветен на Христовото Преображение се случило во времето на владеењето на Стефан Душан (1334–1355), а во пишаните документи како ктитор и градител на манастирската црква е наведен монахот Герман, чие световно име не ни е познато, а кој веројатно припаѓал на редот на поситни благородници во српската држава. Натписот на јужната фасада на манастирската црква, кој претставува своевидна хроника на историјата на манастирот, соопштува дека по смртта на Душан и преминувањето на управата над прилепската област во рацете на кралот Волкашин и неговиот син Марко, со манастирот управувале браќата митрополитот Јован и неговиот брат јеромонахот Макариј, кои биле внуци на ктиторот Герман. Манастирот останал под нивна управа се до првите години од отоманската власт во Македонија кога ктиторите ја изгубиле економската моќ за да го одржуваат манастирот.
Најголемиот дел од овие податоци ги добиваме од погоре споменатиот натпис од јужната фасада на манастирската црква, кој денес речиси целосно е изгубен. Врз основа на продлабочени лингвистички и морфолошки анализи, настанувањето на овој натпис е определено околу 1421 година, а како негов автор е идентификуван јеромонахот Макариј Зограф, што му дава дополнителна тежина на официјален документ. Како најзначаен мотив за настанувањето на овој фресконатпис било регулирањето на правата на новите ктитори – кметот Константин Ѓурџичев и неговите синови Димитар, Јаков и Калојан на кои им била предадена управата над манастирот од страна на митрополитот Јован и јеромонахот Макариј. Потомците на Константин веројатно управувале со Зрзевскиот манастир до крајот на 15 век.
Манастирот во времето на отоманското владеење
Најстарите пишани податоци за сликаната програма на манастирската црква потекнуваат од натписот над влезот во западната припрата, создаден во 1368/9 година. Тој открива интимни мотиви на ктиторскиот чин: браќата Прибил и Приезд и нивната мајка ја живописале „предната Спасова црква“ во спомен на својот татко — монахот Харитон (световно име Хајко). За сликарството биле исплатени 30 перпери, а натписот укажува дека Хајко животот го завршил како монах во манастирот и најверојатно бил погребан таму. Голем дел од сликаниот ансамбл од 14 век претрпел сериозни оштетувања со оштетувањата и прилагодувањата на манастирската црква. Од зачуваните фрагменти видливо е дека декорацијата на припратата ја сочинувал циклусот на Христовите страдања, поставен во највисоките сегменти на ѕидните платна, допојасни претстави на маченици и галерија од стоечки фигури на најистакнатите монаси во најниската зона. Како своевиден куриозитет на ова сликарство се истакнува прикажувањето на сцената Причестување на апостолите на западниот ѕид на црквата, како и претставите на најистакнатите архијереи облечени во монашки одори.
Во втората половина на 14 и првата половина на 15 век манастирот доживеал интензивен уметнички развој. Покрај живописот од 1368/9 година, значајно дело е иконата Христос Спас и Животодавец од 1393/4 година, поврзана со митрополитот Јован Зограф. Грижата за новите обнови и живописување го презема Константин Ѓургичев и неговото семејство околу 1421/2 година, што е документирано со натписите на иконата „Богородица Пелагонитиса“. Несомнено е дека Константин поседувал средства за обновување на манастирот, а веројатно припаѓал на класата христијански спахии. По османлиското освојување, животот во манастирот продолжил под нови услови. Во Османлиско Царство, манастирот бил ослободен од плаќање на даноци со султански ферман.
Иако во втората половина на 16 век немало големи градителски активности, книжевната и уметничката дејност не згаснала. Во овој период за живописувањето на источниот дел од манастирската црква била ангажирана работилницата на еден од најзначајните сликари во поствизантискиот период – Онуфриј Аргитис. Од овој период потекнува шестостраниот аналогион на јеромонахот Прохор, како и Царската проскомидија со имињата на монаси и дарители, која најверојатно датира од втората половина на 16 или почетокот на 17 век.
Значајни градителски и сликарски активности бележиме и во првата половина на 17 век, во времето на игуменот јеромонах Доротеј, кој во периодот од 1616–1617 година ја обновил манастирската трпезарија, а истовремено бил изработен и големиот дрвен крст за иконостасот на црквата Св. Преображение. Во следните години се доградуваат страничните компартименти на манастирската црква и западниот трем, кој добива фрескоживопис. Во 1624/5 година се слика централната композиција на Страшниот суд со ктитори попот Димитар и неговото семејство, а во 1635/6 година, во времето на игумен Петрониј, е завршена декорацијата на западниот трем со учество на бројни ктитори, меѓу кои се истакнува Неделко од Дебар. Во овој период е насликана и јужната припрата (денес урната), финансирана од жители на селото Зрзе, како и пештерната црква во бигорната карпа, чии остатоци од фрески и натписи сведочат за богатиот уметнички живот. Овие активности го потврдуваат интензивниот духовен и уметнички подем на манастирот во првите децении на 17 век.
По обемните зафати од 17 век следи долг период без градителска активност. Во 18 век манастирот бележи економски потфати: изградба на пат, ниви и воденица, но и политичка и безбедносна нестабилност. Од втората половина на векот потекнуваат мермерни ктиторски плочи кои сведочат за ктиторството на Исмаил, Јанкула и Никола. Кон крајот на 18 век манастирот е нападнат и ограбен од дружината на Матли Осман. По овие крвави настани, монашкиот живот, кој траел повеќе од четири века, замрел. Оваа траума е сочувана и во локалната традиција, преку легендата за „Овчарската црква“.
Во 1810 година манастирот е обновен во време на голема скапија, што го потврдува натпис испишан од игуменот Симион. Во 1811 година ктиторите од Прилеп – занаетчии и еснафи – се јавуваат како главни поддржувачи на обновата. Вклучувањето на еснафите во 1812 и нивните донации означуваат нова економска стабилност. Во следните децении жителите на околните села, прилепските еснафи и поединечни приложници продолжуваат со донации. Особено се истакнува улогата на игуменот Христе Поп Трајков, кој во 1842 година ја гради манастирската чешма и придонесува за економскиот развој на манастирот. Средината на 19 век сведочи за постепено згаснување на монашкиот живот, но и континуирана грижа од локалното свештенство и заедницата.
Во 1932 година биле изградени нови манастирски конаци, што претставува значаен градежен потфат. По Втората светска војна, во 1946 година во манастирот се населуваат две руски монахињи – игуменијата Ирина и послушничката Ана – кои го обновуваат монашкиот живот. По смртта на Ирина (1962), монашката заедница ја продолжува духовната традиција преку игуменијата Параскева, игуменот Антониј и монахињите Марина, Катарина и Серафима.
Галерија
17 фотографии
