Охрид
Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник

Локалитетот Плаошник во Охрид претставува еден од најзначајните споменици во историска, културна и духовна смисла, не само за македонскиот народ, туку и пошироко за сите словенски народи. Сместен на јужните тераси на охридскиот рид, тој е исклучителен археолошки комплекс со културни слоеви кои се протегаат од праисторијата, антиката и ранохристијанството, до развиениот среден век.
Предисториски и антички период
Хронолошката вертикала на Плаошник започнува кон крајот на бронзеното време, а животот на овој простор продолжил и во текот на железното време. Археолошките истражувања (спроведени во 1996, како и во периодот од 2007–2009 година) потврдија постоење на една од најстарите населба во охридскиот регион, а откриените гробови од железното време со богати прилози на керамика и бронза, вклучувајќи ги и малите култни предмети познати како пајонски бронзи сведочат за висок општествен статус на покојниците, особено преку примерот на женското погребување од 7 век пр. н.е., во кое се пронајдени златни салталеони.
И во периодот на подем на античкиот град Лихнидос се чини дека Плаошник имал функција на сакрален простор, што е поткрепено со остатоците од монуметални антички градби за кои се претпоставува дека имале функција на храм, од кои еден можеби бил посветен на богот Дионис. Точното утврдување на функцијата на ваквите градби претставува можност за аргументирано да се потврди континуитетот на култната функција на просторот.
Ранохристијански период
Во доцноантичкиот и ранохристијанскиот период (4-6 век), Лихнидос станал епископски центар на римската провинција Нов Епир. На Плаошник, во овој период врз урнатините на античките храмови, се гради монументален епископски комплекс кој вклучува најмалку три големи црковни градби, ранохристијанските базилики, кои се меѓусебно просторно артикулирани. Кон крајот на 5 век била подигната монументална тробродна базилика со нартекс, баптистериум и атриум, со раскошна архитектура и богати мозаични подови, т.н. Јужна базилика. Непосредно до неа, на просторот северно и источно, веќе функционирал плоштад украсен со крупен мозаик (opus barbaricum), како и монументална цистерна (4-5 век).
Речиси во исто време, во втората половина на 5 век, северозападно од овој објект била подигната монументална, четириконхална градба, уште наречена и Поликонхална базилика со раскошни подни и ѕидни мозаици, нартекс, странични анекси, баптистериум и катехуменум. Овој монументален објект бил изграден врз остатоци од римски профани згради со раноримски мозаични подови – палата со бањи и цистерна.
Североисточно, на околу педесет метри од Јужната базилика, се наоѓала уште една тробродна црква, именувана како Источна базилика, а која веројатно била подигната во 5 или почетокот на 6 век. Како и останатите две базилики и Источната имала мозаични подови, но таа не е целосно откриена и документирана.
Првиот триконхос (6-9 век)
Во рамките на овој простор исполнет со големи сакрални архитектонски објекти од времето на раното христијанство, на просторот од презвитериумот и источниот дел од наосот на разрушената Јужна базилика, по голем пожар бил изграден, „триконхос со отворен трем од западната страна, за чиј архитектонски план како прототип бил избран на триконхалниот баптистериум од поликонхалната базилика“, според мислењето на В. Маленко.
Оваа констатација е особено значајна, бидејќи баптистериумот (крстилницата) од поликонхалната црква, изграден заедно со храмот во втората половина на 5 век, е идентичен со обновениот Светиклиментов триконхос. Разликата се состои во тоа што кај триконхосот архитектонските елементи меѓу источната конха и северната и јужната конха се полукружни и од внатрешната и од надворешната страна, додека кај баптистериумот на поликонхосот овие елементи се аглести.
Ова упатува на претпоставка дека на просторот на изгорената тробродна базилика, набрзо по пожарот, била подигната помала триконхална спомен-црква, по углед на триконхалниот архитектонски склоп на крстилницата од поликонхалната црква. Како што наведува В. Маленко, врз основа на постарите истражувања (1948 и 1965, спроведени од Д. Коцо) и на резултатите од најновите ревизиони истражувања (1999–2002), овој претклиментов триконхос бил изграден со материјал од изгорената базилика и во техника opus mixtum – со редови од тули и варов малтер со иста дебелина како и тулите. Објектот имал три полукружни конхи и од внатрешната и од надворешната страна.
Светиклиментовиот манастир
Светиклиментовата мисија, која е сврзана со просторот на Плаошник каде се бележи присуството на светителот набрзо по неговото доаѓање во Кутмичевица, започнала со обнова на постоечките сакрални градби. Црквата била изградена на просторот на урнатата јужна базилика од ранохристијанскиот период, надоврзувајќи се на постарите христијански традиции.
Првично, св. Климент интервенирал врз постара триконхална градба кој се наоѓала на овој простор, а чија хронологија на настанување не може со сигурност да се определи. Градежната интервенција која се поврзува со активноста на св. Климент била преземена кон крајот на 9 век, а не претставува само реставрација, туку и комплексна архитектонска реконфигурација на градбата. Со ваквата интервенција источната конха добила нови архитектонски елементи. Од надворешната страна градбата добила тристрана форма со два правоаголни засеци во западните делови (северно и јужно), додека од внатрешната страна ја задржува полукружната форма. Покрај неа, меѓу источната и страничните конхи (северната и јужната) се додаваат две функционални полукружни ниши. Триконхосот бил покриен со купола, која се потпирала врз интегрираната архитектонска структура на конхите и нишите. Подот од обновениот триконхос бил изведен со раскошен мозаик во техника opus sectile (од мермерни исечени парчиња), што го заменил стариот под од мермерни четвртести плочки, подигајќи ја естетската вредност на светилиштето.
Во текот на својот живот, најверојатно по неговото назначување за епископ, Св. Климент Охридски го проширил обновениот триконхален храм кон запад. Со тоа храмот добил наос („пронаос“) со четири ѕидани столбови поставени врз камени бази (при археолошките истражувања откриени се три — југоисточната недостасува), кои носеле купола во централниот дел. На тој начин, црквата добила форма на впишан крст. Од северната и јужната страна биле оформени влезови со мали тремови, а од западната страна е изграден нартекс со пристап кон источниот дел — наосот. Со ова проширување биле отстранети првобитните довратници од триконхосот и биле создадени услови за поставување на олтарна преграда, со што триконхалниот простор добил литургиска функција на олтар. Пристапот до олтарот бил овозможен преку нов влез меѓу северозападниот столб и северната конха. Со археолошките истражувања било утврдено и местото на чесната трпеза, која се наоѓала во средишниот дел на триконхосот, помеѓу западните делови на северната и јужната конха. Во доградениот наос, Климент уште за време на својот живот си изградил гроб, во кој бил погребан по својата смрт во 916 година.
Со ископувањата спроведени во периодот од 1942–1943 година, била откриена гробната конструкција на Светиклиментовиот гроб. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на Климентовиот дограден простор. Во своите описи, Теофилакт Охридски наведува дека во Охрид имало три цркви: соборната и двете цркви на Климент, кои биле помали, но со кружни и заоблени форми биле поубави од соборната. Димче Коцо ова го толкува како комбинација на првобитната триконхална црква и доградениот западен простор, пронаосот, каде што се наоѓал и гробот на светецот. Во рамките на археолошките истражувања во 2008 година во североисточниот агол на локалитетот била северна апсида од триконхален објект, со што се отворени нови претпоставки за можната локација на „третата црква“ спомната кај Теофилакт.
Во почетокот на 11 век, со префрлањето на седиштето на архиепископијата од Преспа во Охрид, црквата била проширена со егзонартекс, северен и јужен трем, а нејзините ѕидови биле живописани. Во првата половина на 13 век, во времето на Димитриј Хоматијан, храмот бил целосно обновен, со поставување нови осмоаголни бази, нивелирање на подот и фрескоживописување на внатрешните ѕидови. Во тој период бил направен и зафат во гробната конструкција за пренесување на моштите на светецот.
Во 14 век биле изградени северниот и јужниот параклис и манастирската трпезарија. До крајот на 15 век бил изграден и камбанариум пред западниот влез. Во 1490–1491 година манастирот бил разрушен од османлиската власт. Во 16 век црквата била урната, а во 17 век на нејзино место била изградена Џамија Синан Челеби.
Плаошник има богата фунерарна стратиграфија: се откриени над 4250 гробови и гробни конструкции. Во внатрешноста на црквата, особено во наосот и нартексот, биле погребувани свештени лица, а во северниот дел веројатно биле лоцирани гробовите на световни лица кои припаѓале на повисоките општествени слоеви. Особено значајно откритие се шесте бронзени крстови-реликвијари со претстави на Христос, Богородица и св. Јован Крстител, најдени во близина на гробот на Св. Климент.
Новите археолошки кампањи открија и поголема концентрација на фрескоживопис и архитектонски остатоци од средновековни цркви во близината на главниот храм. Исто така, се идентификувани архитектонски остатоци од манастирски конаци во југозападниот дел од локалитетот. Овие градби, заедно со пронајдените депоа со монети од 13 и 14 век, го потврдуваат постоењето на манастирски комплекс околу Светиклиментовата црква. Со археолошката идентификација на овие структури, можеме со поголема сигурност да зборуваме за постоењето на Светиклиментов манастир како комплексна целина: храмот со моштите на свететителот и манастирските конаци, кои веројатно биле центар на духовната и просветна мисија на Климентовата школа.
По ревизионите истражувања, спроведени во периодот од 1999–2002, врз старите темели биле извршена целосна реконструкција на црквата „Свети Климент и Пантелејмон“, која била осветена во 2002 година, со што е направен обид да и се врати првобитниот облик на црква со впишан крст со сите доградувања. По изградбата на оваа црква, на позицијата која самиот светител ја избрал за свој гроб, биле вратени и моштите на св. Климент Охридски.
Галерија
23 фотографии
