Златоврв, Прилеп
Манастир „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец

Сместен на височина од 1280 метри на планинскиот масив Златоврв, северно од Прилеп, манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец претставува еден од највпечатливите и најзначајните сакрални локалитети во Македонија. Неговата позиција на карпеста височина со широки погледи кон Пелагонија не е случајна – оваа локација била култен простор со изразена духовна симболика уште од античките времиња. Трескавец е сместен во планински предел кој овозможува стратешка доминација врз пошироката околина и директна визуелна врска со голем дел од Пелагониската котлина. Оваа географска поставеност има не само стратегиско туку и симболичко значење, поврзано со длабокиот духовен идентитет на местото. До манастирот во минатото се пристапувало преку планинска патека што започнува од Маркови Кули, тврдината над Прилеп. Денес постои и модерен пат, кој овозможува пристап и за поклоници и за истражувачи, со што Трескавец се претвора во еден од најдостапните висински манастирски комплекси во Македонија.
Просторот околу манастирот е богат со археолошки траги кои сведочат за неговата култна важност уште од хеленистичкиот и римскиот период. Покрај остатоците од градби утврдени со археолошките истражувања, сочувани се и бројни фрагменти од античка архитектура, камена пластика со релјефни претстави и антички натписи чија содржина укажува на присуство на култно место или храм на овој простор во антиката. Во ранохристијанската епоха, на локацијата на манастирот постоела базилика, од која потекнуваат фрагментите од мермерна архитектонска пластика, кои се вградени во западната фасада на средновековната црква.
Средновековна фаза и оформување на манастирот
Средновековниот континуитет на животот во Трескавец е јасно засведочен преку низа археолошки остатоци, особено гробни форми со антропоморфен облик, распоредени во и околу црквата и нејзиниот егзонартекс. Овие гробни форми настанале во подолг временски перод, а е изнесено мислењето дека тие датираат во периодот пред 12 век. Основната архитектонска форма на католиконот посветен на Успението на Пресвета Богородица е оформена во 12 век, а во текот на следните два века храмот и манастирскиот комплекс претрпеле повеќекратни проширувања и обнови. Најзначаен подем се забележува кон крајот на 13 и почетокот на 14 век, кога манастирот станал важен духовен и политички центар на пограничната зона меѓу Византија и средновековна Србија. Во овој период на западната порта на манастирот биле насликани портретите на Андроник II Палеолог и Михајло IX Палеолог — сведоштво за директно покровителство од страна на византискиот двор. Овие портрети претставуваат редок пример на империјална иконографија во сакрален контекст во Македонија, што дополнително го нагласува престижот на манастирот. Присуството на императорски претстави го позиционира Трескавец како манастир со големо влијание кој бил поврзан со пошироката политичка мрежа на Византија на Балканот.
Со освојувањето на Прилеп во 1334 година од страна на Стефан Душан, Трескавец влегол во рамките на српската држава. Новиот владетел го признал значењето на манастирот и преку свои повелби му потврдил имоти и права. Во истиот период е насликан и портретот на самиот Душан во егзонартексот на црквата. Токму во ова време на културно-политичка пренасоченост е изградена и ктиторската црква на Градислав Тепчија, од која денес е сочуван западниот ѕид со ктиторскиот натпис и портрет на неговото семејство.
Манастирот за време на Отоманското владеење
По падот на Прилеп под османлиска власт во 1395 година, манастирот не ја изгубил својата функција. Благодарение на фермани со кои му биле потврдени имотите и правата, Трескавец продолжил да живее како активен духовен центар. Во текот на 16 и 17 век, благодарение на донации од поклоници и црковни кругови од поширокиот православен свет (вклучително и од Влашка и Молдавија), манастирот ја задржал економската стабилност и духовното влијание. Во 19 век бил изградeн западниот трем и дел од архитектурата на католиконот била обновена. Овие градителски фази сведочат за постојана грижа и вложување во манастирот, дури и во периоди на политички и општествени промени.
Живопис во црквата
Најстариот живопис во трескавечкиот католикон е сочуван во јужниот кораб и надворешниот нартекс, кој датира од 1334-1346 година, а ги прикажува сцените од Менлогот – црковниот календар. Помеѓу прикажаните композиции особено се истакнува илустрацијата на Небесниот двор во северозападната купола, што претстсавува најстар сочуван пример на оваа композиција во византиската уметност. Во шестата деценија на 14 век биле насликани и светителските фигури на западната и јужната фасада на црквата. Сликарството во наосот и олтарот на црквата потекнуваат од столетијата кои следеле, односно живописот во наосот бил насликан во последната четвртина од 15 век, додека сликарството во олтарот датира во периодот околу средината на 16 век. Од овој период датираат и резбаните двери, кои се сврстуваат во опусот на прилепско-слепчанската резбарска школа, а на кои се прикажани реални, егзотични и фантастични животни како дел од композицијата која го илустира 136 псалм.
Покрај црквата Успение на Богородица, комплексот на манастирот го сочинуваат и монументалниот портик од западната страна, над кој се издига камбанаријата, магерницата и трпезаријата со уникатни гранитни трпези, во југозападниот сегмент на двориштето и манастирските конаци распоредени од јужната, источната и североисточната страна. Во последниот век и половина, манастирските конаци во три наврати биле уништени од огнена стихија, од кои последниот пат во 2013, чијашто обнова се уште трае.
Галерија
14 фотографии
