Прескокни до содржината

Средновековните споменици од Македонија во Индексот за средновековна уметност на Универзитетот Принстон

Теренско истражување со д-р Марија Алесија Роси – фотографија 1

Д-р Марија Алесија Роси од Индексот за средновековна уметност на Универзитетот Принстон спроведе теренско истражување на значајни средновековни сакрални споменици.

Во периодот од 15 до 22 ноември 2025 година, во рамките на проектот „Византиски монашки центри – традиција и континуитет“ на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, реализиран со поддршка на Министерството за образование и наука, беше спроведено теренско истражување насочено кон документирање и анализа на значајни средновековни сакрални споменици во Македонија. Во истражувањето учествуваше д-р Марија Алесија Роси, историчарка на уметноста од Индексот за средновековна уметност (Index of Medieval Art) на Универзитетот Принстон, САД.

Улогата на д-р Роси во проектот е меѓународната презентација на неговите резултати: спомениците што се предмет на проектот ќе бидат каталошки обработени и вклучени во Индексот за средновековна уметност, една од најзначајните светски бази на податоци за средновековната уметност.

Теренската работа започна во Прилеп и неговата околина, со посета на црквите Св. Димитрија и Св. Никола и на манастирот Св. Архангел Михаил во Варош, како и на манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, каде што беа документирани повеќе фази на живописот и на архитектурата. Потоа беа посетени манастирот Св. Преображение во Зрзе и црквата Св. Никола во селото Манастир, Мариово.

Во западниот дел на земјата истражувањето ги опфати црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново и охридските споменици Св. Пантелејмон / Св. Климент на Плаошник, Св. Софија и Св. Богородица Перивлепта, како и Галеријата на икони во Охрид. Во источниот дел беа посетени манастирите Св. Богородица Елеуса во Велјуса и Водоча, а во Скопскиот регион црквата Св. Пантелејмон во Нерези, клучна за проучувањето на комниновското сликарство, како и црквите Св. Никола во Љуботен, Св. Спас во Скопје, Св. Богородица во Кучевиште, Св. Никита во Бањане и Марковиот манастир.

На сите локалитети беше изработена фотографска документација, беа утврдени иконографските и архитектонските особености на спомениците и беа прибрани податоци за понатамошните научни анализи. Паралелно со теренската работа беа остварени средби со локални истражувачи и стручњаци од областа на културното наследство, со цел размена на информации и продлабочување на соработката во рамките на проектот.

Собраната документација е значаен придонес за натамошната научна обработка на спомениците и за основните цели на проектот: проучување, валоризација и промоција на византиското културно наследство во Македонија.

Фотографии

← Сите објави