Прескокни до содржината

с. Манастир, Мариово

Св. Никола, с. Манастир, Мариово

Св. Никола, с. Манастир, Мариово

Манастирот Св. Никола во селото Манастир, Мариово, претставува еден од најрепрезентативните и најцелосно истражени манастирски комплекси на територијата на Северна Македонија. Заедно со манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Трескавец, тој е единствената средновековна манастирска целина која е во целост археолошки, архитектонски и уметнички документирана, што овозможува да се следат сите фази на неговиот развој — од основањето на монашката населба кон крајот на 11 век, па сè до неговото обновување во 19 век.

Средновековен период

Манастирот бил не само религиски центар, туку и економска и административна точка од значење за целиот регион на Мариово. Во периоди на политичка нестабилност и отсуство на градска урбана средина, тој ги извршувал функциите што во други средини им припаѓале на помали градови. Оваа улога го прави клучен сведок за разбирање на културните, општествените и економските процеси на централниот дел од Балканот.

Писмените извори, а пред сè ктиторскиот фреско-натпис во наосот на црквата, овозможуваат прецизна реконструкција на моментот на основање на манастирот. Натписот сведочи дека храмот бил подигнат: „…во летото 1095/1096 година, за време на владеењето на пресветиот цар и автократор на Ромеите, господинот Алексиј Комнин. Поминувајќи на ова место и бидејќи му се допаднало, многу љубезниот вујко/тетин на неговото величество, господин Алексиј протостраторот, му подигна храм од темели на многу светиот архиереј и чудотворец Никола…“

Овој сегмент јасно укажува дека основач на манастирот бил блиски роднина на Алексиј I Комнин, што упатува на висок покровителски статус на манастирот уште во самиот почеток. Локацијата, според археолошките истражувања, не покажува траги од постара христијанска градба, што укажува дека манастирот е новоформирана монашка населба, основана по стратешки и економски, покрај духовните причини.

Овој период се поклопува со втората фаза на византиското политичко и културно влијание на Балканот, кога централните региони биле интегрирани во административниот, црковниот и економски систем на Византиско Царство. Првата архитектонска фаза на комплексот веројатно опфаќала едноставен храм со мала монашка заедница и неколку придружни помошни објекти — конаци, магацини и евентуално мала економска зона поврзана со земјоделски активности. Ваквите скромни почетоци се типични за манастирите во периферните региони на Византија во овој период.

Социо-политичката ситуација на Балканот во 13 век е крајно сложена — регионот е простор на судир на интереси меѓу Византиско Царство, Српско кралство и Бугарско царство, како и периодични упади на крстоносците. Но, токму во такви услови се случува втората, најзначајна етапа од развојот на манастирот Св. Никола. Ктиторскиот натпис од оваа фаза сведочи: „…бидејќи храмот бил мал, оштетен, трошен и разурнат… катигуменот Јоаникиј (во схима Акакиј) отстапи пари, ја урна црквата од темели и го подигна овој пресвет храм… Се подигна во летото 1265/1266 година, а се живописа во 1270 година…“

Овој натпис, поткрепен со археолошки истражувања, укажува дека станувало збор за целосна преградба на манастирот. Стариот храм бил урнат, а неговиот градежен материјал делумно реупотребен за нивелација и изградба на новата црква. Новиот католикон е внимателно планиран објект со трикорабна диспозиција, источна апсида, масивни столбови и два влеза (главен на запад и спореден на јужниот ѕид).

Фрескоживописот во црквата посветена на Свети Никола во селото Манастир, Мариово, претставува едно од највпечатливите и највредните достигнувања на византиското и поствизантиското монументално сликарство на територијата на Македонија. Сликарскиот ансамбл е дело на група зографи предводени од ѓаконот Јован, кој ја извршувал и функцијата референдар на Охридската архиепископија. Фрескоживописот на црквата во Манастир претставува дело изведено со висок степен на уметничка зрелост и со длабоко познавање на константинополските иконографски традиции. Фрескоживописот е распоредeн по строго утврден иконографски план кој ја следи архитектонската структура на трибродната црква.

Сликарството е резултат на работа на неколку мајстори, што може да се согледа преку внимателна анализа на стилските особености. Се чини дека кај секој од ангажираните мајстори одлучувачко влијание имале различни ликовни сфаќања кои можат да се поврзат со посебни просторни и хронолошки рамки. Во работата на првиот мајстор може да се препознае духот на класичната византиска традиција и е блиско поврзан со ликовниот јазик на фреските во Црква Свети Ѓорѓи, Курбиново. Вториот, кој најверојатно може да се идентификува како самиот ѓакон и референдар Јован, се одликува со прецизна линија, внимателно моделирани одежди и смирен лик на светителите. Третиот и четвртиот сликар носат побогата пластика на формите, поекспресивна игра на светлина и сенка и поголема динамика во композициите. Сепак, иако се работи за повеќе автори, нивната работа е органски поврзана во единствена целина, со што се постигнува стилска урамнотеженост и хармонија. Фреските во Свети Никола во Манастир, Мариово претставуваат редок пример на високо развиено византиско уметничко изразување на периферијата на империјата. Нивната стилска сложеност, богатата иконографска програма и врвното техничко мајсторство ја вбројуваат оваа црква меѓу најзначајните живописани споменици на Македонија од втората половина на 13 век, во која се спојуваат локалната традиција и византиската уметничка естетика во една хармонична целина.

Манастирот во отоманско владеење

По освојувањето на Балканот од страна на Отоманска империја, социјалната и економската структура на регионот претрпува радикални промени. Регионот Мариово, како периферна област, останува речиси изолиран од големите комуникациски и економски текови, што резултира со постепено слабеење на манастирот. Манастирските објекти во овој период се пренаменуваат за складишни и производствени цели, а духовниот живот стивнува. Археолошките слоеви од оваа етапа укажуваат на едноставна и скромна материјална култура, со локално произведени грнчарски и метални предмети. До крајот на 17 век манастирот е целосно напуштен, а објектите препуштени на постепена девастација.

Манастирот во 19 век

По околу 150 години запуштеност, во 19 век започнува обнова на манастирот. Оваа обнова е дел од пошироката тенденција на возобновување на духовниот живот во руралните средини, карактеристична за периодот на ослабување на отоманската централна власт. Се преѕидуваат горните сегменти од католиконот, а внатрешноста на храмот добива нова фрескодекорација, што и денес претставува значаен културно-уметнички слој. Манастирот е повторно интегриран во секојдневниот живот на новоформираното село Манастир, задржувајќи го своето духовно значење до современиот период.

Св. Никола претставува редок и значаен пример на манастирски комплекс кој ја одразува целата динамика на балканската средновековна историја — од неговото основање во златниот период на Византија, преку политичките превирања на доцниот среден век, па сè до неговото пропаѓање и повторно оживување. Неговата економска, општествена и духовна улога во отсуство на урбана населба го издвојува како супститут на градска средина во Мариово. Истражувањата спроведени на овој локалитет претставуваат основа за подобро разбирање на средновековниот живот во планинските и руралните области на централниот Балкан.

Галерија

9 фотографии