Прескокни до содржината

с. Курбиново, Преспа

Курбиново

Курбиново

Курбиновската црква, посветена на светиот великомаченик Ѓорѓи, чија сликана декорација претставува еден од ретките репрезенти на уметничките текови од крајот на 12 век, се вбројува меѓу најзначајните споменици на византиската уметност. Сепак, покрај силниот научен интерес кој го предизвикува во изминатите седум децении, голем број прашања околу создавањето на нејзината архитектура и фрескоживопис останале се уште неодговорени. Поради недостатокот на пишани и материјални извори за најстарата историја на црквата пред современите истражувачи остануваат енигма податоците за нејзиното ктиторство, мотивите за подигањето, но и контекстот на нејзиното егзистирање во првите векови од нејзиното постоење.

Историски податоци за црквата

Единствениот пишан податок за хронологијата на живописот на црквата се наоѓа од источната страна на чесната трпеза, далеку од очите на лаиците во наосот. Грчкиот натпис испишан во мајускула не претставува формален документ за историјата на црквата, тој има карактер на личен запис на сликарот, кој соопштува дека со сликањето на црквата се започнало во месецот април, индикт 9 од годината 6699 = 1191.

Создадена во предвечерието на бурните историски историски случувања, кои ќе ја одбележат првата половина на 13 век, курбиновската црква сведочи за една епоха на посебни ликовни сфаќања, која била окончана со латинските освојувања од 1204 година. Во текот на следните столетија таа продолжила да егзистира настрана од бурните настани кои ги зафатиле поголемите градски центри, што можеби била примарната причина за нејзиното опстојување. Поради отсуството на поопсежни археолошки истражувања во околината на црквата останува нејасна функционалната определеност на црквата во најстарата фаза од нејзиното постоење. Подеднаква се чини веројатноста дека таа имала карактер на манастирски католикон, но и дека била во служба на жителите на населбата која постоела во нејзина близина. Сондажните археолошки истражувања потврдуваат дека во периодот од 14 до 17 век во близината на јужната фасада се вршеле погребувања.

Архитектура

Црквата Св. Ѓорѓи не се одликува со особено репрезентативни архитектонски решенија, како во вообличувањето на градбата, така и во изведбата на фасадните површини. Токму „неугледноста“ на екстериерот на црквата била примарна причина што старите истражувачи ја одминале при нивните истражувања на сакралните објекти во Преспа. Се чини дека отсуството на репрезентативни градителски решенија била основната причина за нејзината квалификација како „мала еднокорабна градба“, иако со своите димензии од 13 х 7 метри се истакнува како една од најмонументалните објекти од овој тип на пошироката територија на Македонија. Во обликувањето на нејзината планиметрија евидентни се извесни отстапувања од ортогоналниот систем, а на правоаголната основа од источната страна е изведена пространа, полукружна апсида.

Фрескосликарство

Сликаната програма на курбиновската црква, иако не изобилува со бројот на прикажани композиции и поединечни светителски фигури, сепак се истакнува со инвентивноста на иконографските решенија. Покрај осмислената содржина на живописот и теолошката ученост која е применета во вообличувањето на композициите и светителите, нејзиниот живопис се карактеризира со уникатните ликовни сфаќања на авторите. Сликаниот ансамбл на црквата е сочуван во значителна мера, а примарна причина за девастацијата на одредени сегменти од фрескоживописот се изложеноста на ѕидовите на влага и подоцнежните градежни интервенции за приспособување на црквата. Пророчките претстави во највисоката зона на северниот и јужниот ѕид претрпеле поголеми оштетувања од изложеноста на влага како резултат на протекувањето на кровната конструкција. Од истата причина се уништени и светителските фигури во првата зона на северниот ѕид, кој најподложен на влијанијата на атмосферските води. Надворешните влијанија довеле до пропаѓање и на делови од живописот околу јужниот влез во црквата. Со интервенциите за отворање на нови прозори (или за проширување на постоечките) биле уништени поголеми сегменти од композициите на јужниот ѕид.

Програмското решение на сликарството во наосот во најголема мера ги следи востановените стандарди за декорирање на византиските цркви. Прикажаните композиции и светителски фигури се распоредени во три сликарски зони, со исклучок на западниот ѕид, каде што е вклучена уште една зона. Највисоките зони од сликарството во наосот е резервиран за претставите на старозаветни пророци, прикажани во цел раст. Под претставите на пророците се протегаат композициите од Христолошкиот циклус, кој примарно е сочинет од сцените кои тематски му припаѓаат на циклусот на Големите празници, покрај кои биле илустрирани и други случки опишани во евангелските текстови. Во првата сликарска зона се протега галерија од стоечки фигури на светители од различни редови.

Во пониската зона се нижат сцените од Христолошкиот циклус, a галеријата од поединечни светителски фигури во првата зона на наосот започнува со монументалната фигура на Христос Мир, која ги зафаќа двете сликарски зони до олтарската преграда. Во идејна врска со претставата на Христос се фигурите на Богородица и св. Јован Крстител во првата зона, кои заедно ја сочинуваат композицијата Деисис. Низата на стоечки светители на јужниот ѕид продолжува во најниската зона на јужниот, западниот и северниот ѕид, а ја сочинуваат светителски фигури кои припаѓаат на различни категории.

Сликарството во црквата Св. Ѓорѓи кај Курбиново ја претставува завршната етапа на ликовниот израз карактеристичен за уметноста од времето на Комнените. Следејќи ја тенденцијата за графицизам, карактеристична за постарите дела од овој период, курбиновските мајстори го достигнале врвот во орнаменталноста на линеарните форми. Нивното сликарство останало врзано за претходните сликарски остварувања преку минуциозноста во обработката на декоративните елементи, притоа користејќи ја линијата како основно изразно средство. Исто така, забележлива е доследноста во следењето на геометриските образци во вообличувањето на композициската схема на сцените, која што е карактеристична за сликарството на Нерези (1164). Но сепак, во курбиновската црква фигурите добиваат невообичаено издолжени пропорции, што придонесува за нивната грацилност која дополнително е акцентирана преку богатите драперии кои добиле третман на декоративен елемент. Ваквиот ликовен пристап од постарите истражувачи бил третиран како резултат на „барокноста на формите“, односно манифестација на маниризмот во комненовското сликарство.

Извесни одеци од ликовните решенија применети во Курбиново може да се проследат и во уметноста од 13 век на територијата на Македонија, кои првенствено се рефлектирале врз графичкото моделирање на формите, нагласената орнаменталност на линијата и геометриското структурирање на композициите.

Галерија

8 фотографии