с. Вељуса, Струмица
Вељуса

Манастирот посветен на Пресвета Богородица Елеуса се наоѓа на околу 7 км западно од Струмица, во селото Велјуса, и е посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица. Зачуваните записи на двата архитрава, кажуваат дека црквата ја подигнал монахот Мануил во 1080 година. Изворите сведочат дека манастирот бил сместен на бигорна карпа на северните падини од планината Еленица, изграден над некогашното село Палеокастро во темата Струмица. Нејзиниот ктитор, монахот Мануил, дошол од манастирот Свети Авксентиј во Битинија, за струмички епископ. Во неговото епископско седиште (Водоча) како што и самиот нагласил во Типикот, го подигнал манастирот со свои средства.
Архитектура, живопис и статус на манастирот
По своето архитектонско решение црквата е со четириконхален план и е единствен таков објект од 11 век во Македонија. Иако со скромни димензии, планот на црквата во Вељуса оддава дело на искусен и вешт градител. Живописувањето на црквата е изведено во три различни временски периоди: олтарот, поткуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите и капелата во 1085 година; тремот во 1164 година, а наосот во 19 век со видливи локални сликарски влијанија. Манастирот на почетокот бил доста сиромашен, за да подоцна по неколкуте последователни дарувања од страна на византиските императори Алексиј I Комнен, Јован II Комнен и Мануил I Комнен, добил земјена сопственост и зависни селани. Од првата повелба издадена од страна на императорот Алексиј I, во 1085 година, се гледа дека манастирот, иако се наоѓал во Струмичката епархија, не бил обврзан да се потчинува ниту на струмичкиот епископ ниту пак на охридскиот архиепископ. Манастирот имал автономен статус, потврден со империјален декрет во Типикот составен за неговите потреби.
Посетата на царот Алексиј I Комнен
Од суштинско значење е постојниот податок дека царот Алексиј I Комнен, навистина го посетил манастирот „Богородица Милостива (Елеуса)“ во населбата (селото) наречена „Палеокастро“ крај Струмица, пред 1106 година, поради што тој дури го изразува со восхит сеќавањето за впечатоците од оваа своја посета: „…а сега, откако моето царство го виде (манастирскиот храм) и разбра дека Богородица навистина е милостива кон човечкиот род, смета дека е неопходно да го направи поклонението во манастирот. Кога ја виде немаштината и благочественоста на старите монаси, како да не биде моето царство подарежливо кон овој манастир и како да не појави поголема наклоност и честољубие кон него.“ Во грамотата од 1106 година не е прецизирана годината на посетата на манастирот од страна на Алексиј I Комнен ниту, пак, се споменува годината на неговиот воен поход по чиј повод тој бил присутен во Македонија. Според Петар Миљковиќ-Пепек, тоа се случило меѓу 1091 и 1094 година, кога императорот Алексиј I лично ги раководел трите походи против рашкиот жупан Вукан.
Постари топоними и ранохристијански остатоци
Постарите топоними: Крстовица (Κριστοβιτζης) и Понтикоеклесија (Ποντικοεκκλησιον), укажуваат на поранешно постоење на ранохристијански сакрални објекти во непосредна близина или на истото место на манастирот Богородица Милостива изграден подоцна. За тоа е потврда и откриената камена пластика. Вѕидан во подножјето на црквата на северната страна, пред западниот влез, се наоѓа дел од архитрав откршен на двете страни. Не знаеме од која градба потекнува овој елемент.
Во текот на конзерваторско-реставраторските работи (1969/70 година), покрај западната фасада од егзонартексот се пронајдени и извесен број мермерни фрагменти, од кои некои припаѓале кон првобитната вељушка црква од 11 век (1080 година), а други на некој ранохристијански објект што постоел во дворот на манастирот или, пак, се донесени од соседната околина. Споменатата камена пластика, датирана во 5-6 век, како и старите топоними кои асоцираат на христијанство, се доволна потврда за постоењето на ранохристијанска црква во близина на манастирот Богородица или на истото место, а со тоа и на опстојувањето на населба, а можеби тврдина во доцната антика во овој крај. За постоењето на некакви профани или сакрални градби во дворот на црквата, денес делумно ни упатува и текстот од Типикот на основачот Мануил, каде во врска со изградбата на црквата тој вели дека неа ја изградил од основа, на место кое порано било урнатина и непогодно во темата Струмица, што се наоѓа во близина над селиштето Палеокастро.
Живописот на црквата
Црквата во Вељуса претставува еден од најрепрезентативните примери за развојните текови во византиското монументално сликарство на територијата на средновековна Македонија. Иако денес фреско-декорацијата е значително девастирана поради оштетувањата и секундарните интервенции врз живописот, зачуваните сегменти овозможуваат јасно согледување на иконографските и стилските иновации што го одбележуваат ова монументално дело од втората половина на 11 век.
Во олтарниот простор е зачувана една од најраните репрезентации на сцената на Литургијата на Светите Отци, каде под претставата на Богородица како симбол на земната Црква се прикажани најистакнатите црковни отци како се поклонуваат на Подготвениот престол. За разлика од постарите иконографски матрици со статични епископски фигури, тука двајца архијереи, Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст, се претставени во активна литургиска дејност, со богослужбени текстови на свитоците во нивните раце. Оваа иконографска новина претставува пресврт во развојот на декорацијата на олтарната програма во византиските цркви и ќе стане стандарден мотив во наредните векови.
Декорацијата на централната купола, со Христос Пантократор во калотата и претставите на Богородица, Св. Јован Крстител, ангели и старозаветни пророци во тамбурот е алтерација од иконографија на Вознесението (кое задолжително е прикажувано во куполите на постарите цркви) кон новите програмски модели на куполното украсување. Особено значајна е интеграцијата на Деисисот и пророчките фигури во единствена иконографска целина која ги најавува иконографските тенденции на 12 век.
Во наосот е зачувана извонредна претстава на сцената Симнување во Адот, со редок дуплиран лик на Адот како рефлексија на теолошкиот контекст кој владеел во втората половина на 11 век во Македонија. Во нартексот, каде била сместена гробницата на ктиторот, најверојатно постоела ктиторска композиција, но нажалост денес таа е уништена.
Јужната капела Св. Нифон
Посебна вредност има јужната капела посветена на Св. Нифон, каде се наоѓа претставата на Христос Емануил, приказ на овоплотениот Спасител, како и сцени од житието на патронот-светител.
Стилски особености и значење
Стилски, фреските на Вељуса се карактеризираат со прецизен цртеж, волуменозно моделирани форми и суптилна тонска палета со затемнети, ладни нијанси. Нагласениот линеаризам и изразената експресивност на лицата го најавуваат динамичниот стилски развој на византиското сликарство од 12 век. Црквата на Пресвета Богородица Елеуса во Вељуса, со својата богата иконографска програма и извонредни стилски особености, претставува клучен споменик за разбирањето на уметничките трансформации во средновековна Македонија и пошироко во Византија. Таа е значаен репер во истражувањето на византиските монашки центри и нивната улога во преносот и трансформацијата на духовните и уметничките вредности.
Галерија
5 фотографии
